,,Ми-Да Моторс” со нов партнер
Веста е објавена на 26.01.2012

,,Ми-Да Моторс” со нов партнер

,,Ми-Да Моторс” има стратешки партнер GRAND Automotive од Израел па сега македонската компанија која продава возила од брендовите Ford, Volvo и Lada очекува поголем пазарен удел, но и нови брендови што ќе ја збогатат понудата.
,,Ми-Да Гранд Моторс” е мешовито претпријатие основано од GRAND Automotive и г-дин Марјан Миновски, во која GRAND Automotive има управувачки пакет, а г-динот Миновски, покрај соосновач, е претседател во новата компанија и член на Управниот одбор. „Во овие економски консталации ,,Ми-Да Моторс’’ во GRAND Automotive пронајде соодветен партнер за продолжување на успешната работа“, изјави Миновски.
Освен што го унапредува бизнисот, ,,Ми-Да Гранд” се поврзува во мрежата компании од соседството. Се унифицираат услугите и се зголемува и збогатува пакетот на производи и услуги. Со здружувањето на компаниите со другите од соседството, спомнатите помали пазари добиваат статус на голем пазар и потенцијал за продажба на нови возила. Тоа носи бенефиции во попристапна цена.
„Во годините што следат ,,Ми-Да Гранд Моторс’’ не само што ќе ја прошири продажната и сервисна мрежа, туку ќе донесе и нови брендови на домашниот пазар, што веќе се присутни во сестринските компании во соседството“, изјави на денешната прес-конференцијата Дарко Димовски, Генерален директор на ,,Ми-Да Гранд Моторс”.
Иновациите и достигнувањата на новите модели на ,,Форд’’, сега многу побрзо, поедноставно и по подобри цени ќе може да се понудат во Македонија. Стратешко поврзување ќе ја зголеми продажбата и пазарниот удел на компанијата во сите сегменти. Приоритетот на компанијата и натаму се задоволни купувачи, особено во пост-продажните услуги, со примена и на искуствата на GRAND“, додаде Димовски.
GRAND Automotive е дел од Taavura холдинг, чии сопственици се дел од една од најголемите бизнис групации во Израел, IDB, групација со импресивно портфолио и здружени инвестиции низ светот во речиси сите клучни индустрии. Активата на IDB изнесува околу 35 милијарди долари.
,,Во Македонија нашата компанија влегува најнапред со ,,Ми-Да’’ и ,,Форд’’, очекувајќи успех и проширување на дејноста’’, изјави Гил Сегеве, претставник на Израелците и финансиски директор во ,,Ми-Да Гранд Моторс’’.