Ние сме свесни дека секогаш може подобро, и постојано си поставуваме нови врвови за освојување. Нашите автомобили се меѓу најпродаваните поради нивниот неприкосновен квалитет и извонреден дизајн, но и поради врвната услуга која нашите клиенти ја добиваат во нашите продажно-сервисни центри
* Кога во 2005 година Порше Холдинг реши да инвестира во автомобилскиот бизнис во Македонија со тоа што стана застапник за возилата од програмата на Volkswagen и Audi, целта беше на долги патеки да се врати довербата на македонскиот граѓанин во германските возила. Сметате ли дека сега, после шест години, сте успеале во тоа? Бројките покажуваат дека сте број 1!
- Кога во 2005 година Порше Холдингот реши да инвестира во Македонија, беше во голема неизвесност за оправданоста на таа инвестиција, со оглед на тоа што Македонија сепак е мал пазар за гигант како Порше. Но сепак, во својата агенда Порше имаше план, преку искрен и професионален однос кон клиентите да ја стекне нивната доверба, да изгради долготрајна врска со нив и да остане долго време на пазарот. Оттогаш па се до денес, Порше Македонија, како дел од Порше Холдинг а преку тоа и од Volkswagen AG, забележа значителен напредок и развој на бизнисот во земјата. На клиентите им понудивме прекрасни автомобили со висок квалитет и совршен дизајн, одлични услуги секогаш приспособени на нивните потреби и барања, и со тоа настапивме како сигурен партнер од доверба. Нашите заложби да не трагаме по брз профит туку да градиме доживотни врски, придонесоа досега да имаме продадени над 13.000 автомобили, и бројот на клиенти кои се вклучуваат во нашето Порше-семејство постојано да се зголемува. Со напорна работа за постигнување потполно задоволство на клиентите, успеавме да се искачиме на врвот на автомобилскиот пазар во Македонија, но и да опстоиме долго таму, не престанувајќи да ги изненадуваме клиентите, не само со исполнување на нивните очекувања, туку и со надминување на истите.
* Кој е рецептот за водење успешен бизнис во Македонија?
- Клиентот – во центарот на нашето внимание, секаде и секогаш!
Микеланџело рекол: “Најголемата опасност не е да целиш високо и да промашиш, туку да целиш ниско и да погодиш”. Како вечни перфекционисти, ние никогаш не се задоволувавме со малку и секогаш си ги поставувавме нашите цели мошне високо. Посегнувавме повисоко отколку што мислевме дека ќе достигнеме, а потоа со посветеност и труд постигнувавме повеќе отколку што можевме да замислиме. Поместувајќи ги нашите цели и критериуми на повисоко ниво, ние сакаме постојано да се надградуваме и ги подобруваме нашите услуги, и тоа е рецептот за нашиот успех во овој бизнис.
* Како генерален директор на вака успешна компанија, како се справувате со сите предизвици во последно време, со кризата, падот на продажбата и со предвидувањата дека кризата уште не заминала?
- Последниве години ќе ги паметиме како години на криза, несигурност и турбуленции. Но, можам да кажам дека сум горд и задоволен што за овие 6 години со вработените успеавме да изградиме еден совршено извајан тим кој е способен да се приспособи на новите услови и на новиот ветер кој дува на пазарот. За нас кризата не беше бура која би го уништила нашиот труд и постигнувања на пазарот. Напротив, ние од кризата направивме своевиден ветер во грб, бидејќи од неа стекнавме необични искуства кои ни помогнаа да ги надминеме предизвиците на ова економски несигурно време.
Во оваа криза ние станавме посилни, со нови идеи и уште поблиски до клиентите, што ни овозможи стратешка предност пред конкуренцијата. Бројот на продадени автомобили е намален, но бројките покажуваат дека сепак сме го зголемиле пазарното учество пред конкуренцијата. На луѓето им е потребна мобилност, и ние сме особено горди што, кога одбираат автомобил, нашите брендови секогаш се нивен прв избор.
* Често велите дека полесно е да се стигне на врвот отколку да се остане таму. Втора година по ред, меѓу десетте најпродавани возила има неколку со знакот на Volkswagen, а Golf е кралот.
- Секако дека е потешко да се остане на врвот, бидејќи кога тој еднаш ќе се достигне, следниот чекор е веќе чекор надолу. Но, ние сме свесни дека секогаш може подобро, и постојано си поставуваме нови врвови за освојување. Нашите автомобили се меѓу најпродаваните поради нивниот неприкосновен квалитет и извонреден дизајн, но и поради врвната услуга која нашите клиенти ја добиваат во нашите продажно-сервисни центри. Golf е приказна за себе. Во светот се продадени над 30 милиони примероци на Golf. Во Македонија тој е синоним за Volkswagen, и долго време се наоѓа на врвот на листата на најпродавани возила. Но, ќе бидам нескромен и ќе речам дека, за возило со такви софистицирани перформанси, и не се очекува ништо подолу од самиот врв.
* Македонија отсекогаш била земја на Golf и Volkswagen. Порше Холдинг во Македонија затекна малку поинаква ситуација. Што се мораше да се направи, да се жртвува, за да се стигне до ова сега?
- Нашето шестгодишно работење во Македонија е исполнето со многу убави и несекојдневни мигови, и можам да ви раскажам неколку анегдоти кога клиенти доаѓаат кај нас за да купат Golf Passat или Golf Polo. Како што веќе реков, Golf во Македонија е вистински синоним за Volkswagen, симбол за висококвалитетните германски возила, бестселер меѓу автомобилите. Секако дека тој успех не дојде преку ноќ, туку беше резултат на многу жртвувани деноноќија во служба на компанијата, на многу пребродени искушенија, но и на многу пријатни моменти, социјални настани и дружења со клиентите. Секако, на почетокот на оваа приказна знаевме дека нема да биде лесно, но знаевме дека клиентите ќе го препознаат и ќе го ценат нашиот напор. Сега, кога гледаме дека нашите возила високо котираат на пазарот, сигурни сме дека целиот труд и пожртвуваност вродија со плод, на што ние многу се гордееме.
* Зад себе имате моќна „мајка“, Порше Холдинг од Австрија, како член на Volkswagen-групацијата. Колку сегашниот успех во Македонија е нивен, а колку на тимот што тука го води бизнисот?
- За Порше Македонија како директна странска инвестиција е вистинска чест да се биде дел од една светска компанија, и да се добие во наследство таков врвен бекграунд. Но самото тоа носи и огромна одговорност, бидејки ни малку не е лесно да се зачува квалитетот и идеологијата која луѓето ја врзуваат за тоа име. Ние покажавме дека можеме да се соочиме со тој предизвик, и да ја изградиме Порше Македонија како успешна компанија чии одлични резултати не се должат само на заслугите на Порше Холдингот на глобално ниво, туку и на напорната работа и заложби за постигнување потполно задоволство на клиентите, на локалниот тим во Македонија.
* Ако 2010 беше тешка, а оваа 2011 уште потешка, каква очекувате да биде 2012 година?
- Година на вистински бум во автомобилската индустрија беше 2008, кога бројките на продадени нови возила бележеа вистински рекорди. Но оттогаш наваму условите на пазарот ни малку не се во корист на автомобилската индустрија. Настапувањето на економската криза, кога купувањето на трајни добра не е приоритет на клиентите, а потоа и промената на моделот на акцизи и слободниот увоз на половни возила, беа вистински удар за продажбата на нови возила, поради што таа падна на едно незавидно ниво. За жал, изгледа дека и следнава година ќе продолжи надолниот тренд. Но, како што веќе напоменав, Порше Македонија со својот тим успеа кризата да ја искористи и да ја претвори во предизвик, да научи нови правила на игра, секогаш во корист на клиентите кои таа грижа за нив ја препознаваат и на неа ни возвраќаат со потполна доверба, за што јасно говорат бројките на продадени возила кои нè носат далеку пред конкурентите.
* Какви се плановите на Порше Македонија за 2012? Со што ново ќе ги изненадите купувачите годинава?
- Нашите активности повторно се фокусирани на постигнување потполно задоволство на клиентите. Ние ги следиме светските движења и секогаш одиме чекор понапред од конкуренцијата, секогаш нудејќи го најдоброто за нашите клиенти. Новите модели на нашите брендови стигнуваат во Македонија во исто време со нивните европски премиери. И во новата 2012 година го продолжуваме истиот тренд – секогаш изненадувајќи ги клиентите, нудејќи им повеќе отколку што очекувале. 2012 година ќе биде година на многу новитети и во областа на новите возила и во областа на финансиските продукти кои ќе им ги понудиме, секако на задоволство на нашите клиенти.
* Ги навикнавте купувачите на големи попусти, многу гратис-опрема, поволности. Секојдневно компаниите нудат нешто ново и поевтино. Има ли граница до која може да се оди надолу?
- Иако изгледа како одличен начин да се придобијат повеќе клиенти во ова кризно време, сепак ние во ниту еден момент не ни помисливме да ги обезвредниме нашите возила давајќи огромни попусти за истите и намалувајќи ја нивната цена на ниво кое би го деградирало нивниот имиџ и квалитет. На нашите клиенти сепак им нудиме квалитетни производи со одлична ценовна позиционираност и во соработка со Порше Лизинг – вистински услови на финансирање, со што успеавме да ги задржиме како клиенти и да настапиме како нивен стабилен партнер на полето на новите автомобили. Само така тие знаат дека купуваат квалитетни возила чија пазарна вредност нема да падне кратко време по купувањето. Ја лансиравме и кампањата „Фолксваген – златна валута“. Македонските потрошувачи знаат да ги препознаат вистинските вредности, за што зборуваат и остварените продажни резултати.
Целото интервју можете да го прочитате во последното издание на Современ Возач, што можете да го купите на сите киосци во Македонија