При отежната видливост треба да се зголеми претпазливоста и да се намали брзината на движење, особено на автопатиштата каде е дозволено да се вози и со поголема брзина
Автопатот е убедливо најсигурната сообраќајница на која статистички се случуваат најмалку сообраќајни незгоди. Но, тоа важи за 90 отсто од случаите, а во 10 отсто има повеќекратни и понекогаш и тешки сообраќајни несреќи. Маглата е најопасна, бидејќи тогаш се случуваат несреќи во кои учествуваат и по неколку возила. Опасноста е поголема кога се случува при такви несреќи да има вклучено и големи камиони-шлепери со десетици тони тежина, кои едноставно мелат се пред себе. Такви несреќи се многу чести на европските патишта, а забележани се случаи кога имало и неколку десетина возила во таквите сообраќајни незгоди.
Покрај видливоста, брзината исто така е главен фактор што влијае на ризикот на несреќата. Подеднакво се ризични како големата така и малата брзина, бидејќи најлошо е кога има големи разлики во брзините меѓу возилата во сообраќајот. Таквите несреќи ги предизвикуваат возачите што нагло ќе забават, па на нив ќе налета возач што не држел доволно растојание и возел со брзина што не била прилагодена на условите на патот. Тогаш возилата целосно застануваат и на нив налетуваат оние возила што доаѓаат, па станува уште поризично.
На ризикот од несреќа значително влијаат здравјето и заморот на возачот, како и исправноста на возилото. Најлошо е ако во такви околности возачот вози уморен, со лош вид, под дејство на алкохол, дрога или психоактивни лекови, а автомобилот е неисправен (сигнализација, сопирање…). Во такви околности, тоа може да се забележи по ненадејните промени на брзината, понекогаш и по честото менување на правецот на движење. Препорачливо е таквите возачи да ги предупредите со краток светлосен сигнал, но најдобро е да не се вози зад нив, бидејќи се изложувате на висок ризик.
Особено е опасно кога од зона со магла во која уште можете „колку-толку“ да гледате, одеднаш влетувате во зона каде што ништо не се гледа. Затоа, најдобро е да не се калкулира, без оглед на обврските, и да се застане настрана.
Тогаш помагаат чисти стакла, а чадот од цигари ги влошува и онака лошите услови на патот. Затоа, не треба да пушите и треба да ги замолите сите патници во возилото да се воздржат од пушење. Се разбира, вие вклучете ги светлата за магла и користете го само собореното светло. Со долги светла во магла полоша е видливоста и се заслепуваат возачите од спротивната насока. Ако брзината треба да се намали на помалку од 30 км/ч а тоа значително го зголемува ризикот дека некој ќе ве удри одзади, вклучете ги сите четири трепкачи…
Исправни светла, трепкачи и друга сигнализација на автомобилот, се од особена важност за патничко моторно возило во сите услови на возење, особено во магла. Во никој случај не смее да се вози ако се неисправни стоп-светлата, трепкачите, главните фарови. Само целосно исправен автомобил, заедно со одговорен возач, даваат доволна сигурност.
НАЈДОБАР РЕЦЕПТ – НЕМОЈТЕ ДА ВОЗИТЕ!
Кога има магла, најдобро и најсигурно е да не возите. Многумина ќе кажат дека е лесно да се делат совети, реалноста е поинаква, бидејќи често треба да се стигне на одредено место во одредено време. Но, кога ќе се случи сообраќајна несреќа која ќе има и последици, тогаш станува јасно дека ништо не вреди да се ризикува по цена на такви последици.
Затоа, ако имате неодложни обврски, прилагодете ги на предвидените климатски прилики, зашто во текот на зимата не е ретка можноста да се појави магла, особено наутро, а понекогаш и да се задржи во текот на денот, особено во градовите што се во котлина, како што е Скопје, полни со индустрија, со што дополнително се намалува видливоста.
Ако веќе мора да возите, тргнете или порано или подоцна и избегнете го критичниот момент, па дури, ако е неопходно, избегнете ги автопатиштата, зашто на локалните се вози побавно па затоа се и побезбедни.
ДУПЛИРАЈТЕ ГО РАСТОЈАНИЕТО!
За повеќето несреќи на брзите сообраќајници, покрај брзината пресуден фактор е растојанието меѓу возилата. Многумина, поради лошата видливост, возат на „опашката“ од колоната. Но, кога такво возило нагло ќе забави или ќе „налета на пречка“, тешко може да се избегне, па тоа е почеток на евентуален „карамбол“.
Дуплирајте го растојанието, но не треба да се претерува, бидејќи добро е да го „држите на око“ возилото пред вас. Во тој случај можете навреме да реагирате на секоја промена, намалување на брзина, избегнување пречка, вртење, сопирање или застанување.
Ако возачот зад вас вози и не одржува доволно растојание, тогаш предупредете го со кратко вклучување на сите четири трепкачи, односно пропуштете го при првата прилика за тоа, кога условите на патот тоа го дозволуваат.
БАВНО, НО НЕ ПРЕБАВНО
Намалете ја брзината, но немојте да возите пребавно. Тогаш можете да бидете поопасни од брзите возачи, бидејќи го зголемувате ризикот некој да удри во вас. Тоа значи дека е опасно на автопат да возите побавно од 60 км/ч, а на другите патишта помалку од 40 км/ч. Ако условите на патот тоа не го дозволуваат и не можете да возите со таа брзина, задолжително застанете на првото почивалиште или паркинг и чекајте додека видливоста не се подобри. Притоа вклучете ги сите трепкачи, бидејќи поради лошата видливост постои опасност на вашето возило да налета некое друго, што решило исто така да се паркира.
СИГНАЛИЗАЦИЈАТА СПАСУВА ЖИВОТИ
За сигурноста на патиштата, и во услови на отежната видливост, најодговорни се оние што се задолжени за поставување и одржување на сигнализацијата. Покрај пасивната сигнализација (линии на патот, ознаки, фиксни знаци на предупредување…) особено важна е активната сигнализација.
Возачите треба да ги имаат вклучено светлата за магла, а ако сте присилени нагло да застанете или да забавите, задолжително вклучете ги четирите трепкачи. Ако морате да застанете, тргнете се од коловозната лента, а ако морате да останете на патот, што поскоро поставете сигнализациски триаголник или трепкачко светло, и тоа на доволна оддалеченост од возилото. Притоа внимавајте некој да не ве „собере“.