Peugeot 3008 1.6 HDi Premium: Исклучителен коктел
Веста е објавена на 24.12.2011

Peugeot 3008 1.6 HDi Premium: Исклучителен коктел

Како искусен коктел-мајстор, Peugeot ги измеша вистинските состојки од повеќе возила во еден автомобил, со што конструираше вистински „crossover“ способен да ги задоволи потребите на најпребирливите, автомобил каде што за секого има по нешто.

 Како основа за Peugeot 3008 е користен моделот 308, за разлика од кого е доста повисок и подолг. Самото зголемување на габаритите ја носи 3008 во сосем друга средина. Надворешноста воопшто не кореспондира со горенаведениот модел. Тука, одговорните за дизајн имале за цел да добијат поробусна и изразена структура на екстериерот. Мешањето на стилови игра главна улога во креирањето на изгледот кај 3008. Предниот дел изгледа доста агресивно благодарение на големиот отвор за воздух, цртите кои се преземени од теренците продолжуваат во обликот на предниот браник и високата поставеност на светлата за магла. Предните светлосни групи се поставени високо и навлегуваат длабоко во крилата од автомбилот. Релативно краткиот поклопец на агрегатот и поставеноста на големото ветробранско стакло, на прв поглед создаваат илузија дека кабината е повлечена понапред, што во суштина не е точно. Тоа е забележливо кога автомбилот ќе се погледне од профил. Силните превои над тркалата повторно ја нагласуваат дозата на влијанија од теренеските возила, со што кореспондира и поголемото растојание од подлогата. Многумина, набљудувајќи го автомобилот од овој агол, ќе забележат елементи кои се среќаваат кај караванските изведби и детали од се попопуларните моноволумени. На крајот секогаш доаѓа задниот дел од возилото. Одзади, оригиналната и необично изведена светлосна група искокнува во прв план. Петтата врата е доста голема и се отвора во два дела. Начинот на нејзиното функционирање е преземен повторно од теренците. Визуелно различен од останатите модели, 3008 поседува посебен карактер, кој прво можеби изгледа малку несекојдневно, но кога подобро ќе се запознае станува неизоставен дел од секојдневниот живот.

На сите оние коишто сметаат дека, ако моделот 308 е користен како основа тогаш и внатрешноста треба да биде речиси иста, може да им потврдиме дека биле во заблуда. Моделот 3008 во целост има кабински простор што е изграден наново. Тоа е особено забележливо на предниот дел од ентериерот. Естетски, кокпитот е изведен на многу педантен начин, а материјалите кои се користени во неговата изработка се на рамниште со најдобрите во класата. Масивниот централен гребен се издига високо и ги дели возачот и совозачот. Од неговата десна страна, во манир на вистински теренец, поставен е држач кој би му се нашол на совозачот при „off raod“ возење. Централниот гребен завршува со одморалиште за десната рака, во кое е скриен голем простор за ставање разни предмети. Кога велиме голем, мислиме навистина голем, бидејќи во него без проблем може да се смести шише од 1,5 литри, пакување чипс и што уште не. Замерките единствено се однесуваат на сметка на неговата пристапност – потпирачот се отвора само од страната на возачот, што значи дека без негова помош, совозачот речиси не може да го отвори ниту да земе нешто од него. Предните седишта нудат одлично сместување, што искомбинирано со нивната висока поставеност дава одличен преглед на патот и збиднувањата во околината во секое време. За разлика од останатите модели кои во своето име поседуваат по две нули, 3008 не е опремен со задни седишта на коишто може индивидуално да се нагодува аголот на седење или нивната раздалеченост од седиштата пред нив. Ваквата конфигурација во случајов е сосем непотребна, бидејќи делот резервиран за патниците на задната клупа е сосем доволен, а замерки нема да најдат и повисоките и погабаритни лица.

Педантно изведена средина

Багажникот е делот кој ќе ве изненади, неговата зафатнина изнесува цели 500 литри, што може да се искористат на повеќе начини. Имено, постои полица која овозможува да се постави во три различни позиции, и со тоа може лесно и едноставно да се менува просторот на нивоата во зависност од големината и висината на предметите кои се транспортираат. Самиот багажник поседува и еден несекојдневен „гаџет“, сијаличката која го осветлува багажниот простор од десната страна, и со едноставно извлекување од лежиштето се претвора во батериска ламба. Уникатно и интересно решение, кое сигурно може да заврши многу работа во непредвидени ситуации.

 

Потентен и економичен
Кога станува збор за моторизацијата на ваков тип возило, дизелскиот погон често се наметнува како прва и единствена опција. Од таа причина, моделот кој ни беше отстапен на неколкудневно дружење, поседуваше токму дизелски мотор. Во дизелската понудата се две моторни опции, помоќната верзија од 2.0 литри и агрегатот од 1.6 литри. Помалиот мотор, иако со декларирана помала моќ, останува на висина на задачата со своите декларирани 112 КС. Спремниот за акција и економичен агрегат ќе ги задоволи потребите на повеќето возачи, оние кои бараат високи перформанси, во гамата на Peugeot можат да изберат и таков модел. Агрегатот 1.6 HDi претставува вистински партнер во возењето, вртежниот момент од 240 Нм кој со функцијата Overboost краткотрајно се искачува до 260 Нм, на возачот му простува кога ќе го заборави менувачот во повисок степен при престигнувањето. Во овој модел, спрегата меѓу агрегатот и предните погонски тркала ја сочинува одлично пресметаната менувачка кутија со шест степени на пренос, која дополнително ги истакнува вредностите на агрегатот кој се смета за еден од најдобрите дизели во класата од 1.6 литри. Потрошувачката е еден од елементите со кој посебно се гордее производителот, оваа изведба во град просечно ни трошеше 7,9 литри на 100 км, додека на автопат просекот се спушти за еден литар помалку. Со оглед дека возилото е високо поставено и има поголем коефициент на отпор, како и со оглед на неговата тежина од преку 1.400 килограми, постигнатите резултати се за почит. Токму поради наведените причини, оваа единица партиципира со 60% удел кај сите продадени модели на 3008.

 

Моделот 3008 е наменет за корисници кои реално немаат потреба од возило 4х4, бидејќи нивните возачки авантури најчесто се сведуват на лесни излети во природа каде повишената поставеност може да ја заврши целата работа. Од друга страна, истите не сакаат да седнат зад управувачот на секојдневен автомобил кој ќе се изгуби во морето на модели присутни на пазарот. Уникатната појава, различниот карактер како и одличната моторна изведба, се дел од елементите кои овој модел го прават навистина посебен.

 Цена на основен модел:           21.990 евра
Цена на тестиран примерок:   24.990 евра

 Пакет на опременост Premium:
Автоматски двозонски клима-уред, Централна брава со далечинско заклучување, Кодиран клуч, Прогресивен сервоуправувач нагодлив по висина и длабочина, АВЅ сопирачки, ЕЅР+ASR, 6 воздушни перничиња, Команди за радио на управувач, Радио CD/МР3, Cruise control, Патен компјутер, Bluetooth + USB конекција, Електрични прозорци напред и одзади, Електрични ретровизори со греење, Дополнително затемнети стакла назад, Преклопливо совозачко седиште, Алуминиумски фелни 17”, Пакет Visibility.

Технички карактеристики : Peugeot 3008 1.6 HDi Premium

 мотор:                                                         дизелски                      
цилиндри / вентили:                                4 цилиндри / 16 вентили
работна зафатнина:                                1.560 см3
максимална силина:                                112 КС при 4.000 врт./мин.
максимален вртежен момент:               240 Нм (260 Nm Overboost) при 1.750 врт./мин.
погон:                                                         на предните тркала
трансмисија:                                             6-степен мануелен менувач
потпирање напред:                                  McPherson, триаголни попречни                     рамења, стабилизатори
потпирање назад:                                    полукрута оска, попречни водилки, стабилизатори
сопирачки напред:                                   самовентилирачки дискови
сопирачки назад:                                      дискови
должина х ширина х висина:                  4.365/ 1.835/ 1.640 мм
меѓуоскино растојание:                           2.610 мм
тежина:                                                       1.425 кг
багажник:                                                    500 литри
резервоар:                                                  60 литри
максимална брзина:                                 180 км/ч
забрзување 0-100 км/ч:                            12.2 секунди.
декларирана просечна потрошувачка: 6.7 л/100 км
емисија на CO2:                                         129 г/км