Само неколку месеци по премиерата на новата генерација на моделот Carrera, сега се објавени и фотографии на истиот модел само без покрив. И како по традиција Carrera останува верна на склоплив платнен покрив.
На дизајнерите им тргнало од рака да ја унапредат динамиката на „проблематичната„ силуета на овој релативно краток автомобил со мотор поставен позади. Porsche 911 Carrera Cabriolet е поубава и стилски поурамнотежена, повеќе од било кога.
Продажбата почнува во март 2012 година, а на почетокот ќе биде достапна во две верзии. Посилните 6 цилиндрични мотори 3,4 l (257 kW) и 3,8 l (294 kW) се исти како и кај купе верзијата, како и стандардниот седумстепен мануелен менувач. Роботизираниот автоматски менувач со две ламели ќе биде достапен со доплата.
Перформансите се уште не се официјално објавени, но се очекува дека нема да бидат полоши отколку кај купе верзијата. Тоа значи забрзување до 100 км/ч за 4,8 секунди, односно за 4,5 секунди кај посилниот мотор, и максимални брзини од 289 км/ч и 304 км/ч.
Просечната потрошувачка на гориво кај двете верзии ќе биде помала од 10 литри на 100 км. Цената на моделот Porsche 911 Carrera Cabriolet во Германија ќе почнува од 100.532 евра, што вклучува и ДДВ од 19 отсто. Посилната S верзија чини 114.931 евро вклучувајќи и ДДВ.