Проверени вредности
Јапонските дизајнери во случајот на новото Verso играле на проверена карта, што се однесува до неговиот надворешен изглед. Базата, секако, е претходната генерација на Corolla Verso но со зголемени пропорции, како би се вклопил точно меѓу претходно споменатите изведби на моделите кои ги заменува. Компромисот и градењето на старите и проверени вредности, на Verso му овозможуваат да кокетира со потенцијалните купувачи кои од возило од ваков тип не бараат некои авангардни линии, туку современа класика која и по подолг период ќе изгледа свежо. Ако подобро се погледне предниот дел, се забележува дека возилото ве дочекува со насмевка, со што се истакнува семејната ориентација. Гледано отстрана, Verso, иако е со моноволуменски пропорции, изгледа доста складно. Големите стаклени површини и триаголните прозорци поставени на предните и задни носачи, се грижат за поголема количина на дневна светлина и поголема прегледност. Успешно скроен, компактен, на прв поглед не ги открива своите вистински димензии, се додека не се погледне меѓуоскиното растојание од 2,8 метри. Ваквата конфигурација овозможува поголема слобода во креирањето на кабинскиот простор, кој, пак, е пресудниот елемент при одбирањето на ваков тип возило. Вниманието на задниот дел го привлекуваат светлосните склопови, коишто со својата форма и поставеност длабоко завлегуваат во каросеријата, додека нивната проѕирна изведба потсетува на оние што се среќаваат кај тјунираните модели со спортски гени.
Варијабилна конфигурација
Она што секако е најважно за секој моноволуменец, е уредувањето на внатрешниот простор кој ја игра главната улога за задоволување на потребите на целото семејство. Комфорот, пространоста и бројните места за оставање предмети, се дел од одликите кои ја красат оваа конструкција. Возачката позиција е идеална, и со својата повисока поставеност овозможува добра прегледност. Изненадувачки делува отсуството на класичната инструмент-табла пред вас, кога за првпат ќе седнете на возачкото седиште. Таа во Verso е поставена високо на централната конзола и е благо завртена спрема возачот. Сите функции кои се прикажуваат на борд-компјутерот се лесно достапни преку командите на воланот, а на дофат на раката се и прекинувачите со кои се регулираат и секундарните функции поставени веднаш под инструмент-таблата. Како дополнување на одличната ергономија доаѓа и позицијата на рачката од менувачот, која своето место го има пронајдено на повишениот дел од централниот гребен, на само неколку сантиметри од управувачот. Задните седишта се местото каде што се добиваат главните поени. Многубројните конфигурации дозволуваат да се пронајде идеалната комбинација за превоз на патници и багаж. Имено, секое од трите седиште во вториот ред е изведено засебно, со индивидуална можност за нагодување на аголот на потпирање и лизгање по должина, со што секој патник може да си ја одбере идеалната позиција за патување. Доколку има потреба, секое од нив може и засебно да се преклопи, со што се зголемува искористливоста на багажниот простор. За удобноста во патувањето да биде на уште повисоко ниво, во задниот дел од предните седишта се вградени мали (авионски) масички со отвори, на кои патниците од вториот ред можат да остават шише со вода и некоја книга која ја понеле на патувањето. Доколку бројот на лица што треба да патуваат е поголем од 5, тогаш со Verso ни тоа не претставува проблем, затоа што сериски се испорачува со уште две дополнителни седишта, кои, кога не се користат се преклопени во подот од багажникот. До нив се доаѓа на едноставен начин, преку преклопување на едно од страничните седишта од вториот ред. Местото кое го обезбедуваат е задоволително и за возрасни, но на пократки релации, сепак, поставеноста и комодитетот што го овозможуваат седиштата најмногу ќе им одговара на најмладите во семејството. Багажникот, во конфигурација која најчесто се користи (5 седишта) има капацитет од 440 литри. Доколку е потребно, со едноставно соборување на вториот ред седишта, се добива рамна површина се до предните две седишта, чиј волумен изнесува 1.696 литри.
Пристојна алтернатива
Агрегатската понуда која се среќава кај Verso се состои од два бензинци и два дизел-мотори. Во нашиот тестен примерок имавме можност да управуваме со појаката Valvematicбензинска изведба, што од 1.8 литри зафатнина истискува 147 КС кои се достапни при високи 6.400 врт./мин. Многу поважно е дека максималниот вртежен момент од 180 Нм е достапен при 4.000 врт./мин., затоа што „коњските сили“ кај овој тип на автомобили не ја играат главната улога. Новата генерација на проверената технологија VVT-I e присутна за да овозможи линеарен пренос и мирно повлекување и кога автомобилот не е во идеалниот режим на вртежи. Силата која ја произведува агрегатот, се дистрибуира преку исклучително прецизната мануелна шестстепена трансмисија на предните тркала. За секој што ќе седне зад управувачот, препорачливо е да не бара спортски гени во оваа изведба, самата природа на Verso е тој да биде комотен семеен транспортер, затоа и неговата менувачка кутија е со преноси кои се со подолг од. Ако има потреба, Verso може да се вози динамично на отворен пат, за што првенствено заслугите одат во правец на агрегатот кој ја прифаќа играта за вртење во високи вртежи, но и на најдобрата аеродинамика во класата. Забрзувањето од место на мирување до 100 км/ч може да се постигне за 10,5 секунди, што може да се окарактеризира како добар резултат земајќи ги во предвид намената на автомобилот и неговата тежина од преку 1.500 кг. Иако може без никаков проблем да стигне до крајните 190 км/ч, Verso најдобро се чувствува кога со него се крстосува со брзина меѓу 130 и 150 км/ч. Производителот декларира просек од 5,7 литри кој во пракса е тешко достижен, што од друга страна не значи дека Verso е трошаџија. На отворен пат, со почитување на патната сигнализација, просекот е 7,2 литри, додека во градски услови тој се искачува до 10 литри безоловно гориво.
Новиот пакет што Toyota преку Verso го нуди во светот на моноволуменските возила, треба во целост да ги задоволи потребите на целото семејство. Практичен, комотен и компактен, со безброј конфигурации на внатрешноста, има единствена задача, неговото секојдневно користење да помогне во создавање и одржување на семејната идила.
Цена на основен модел : 23.490 евра
Цена на тестираниот примерок : 25.990 евра
Пакет на опременост: LUNA
ABS (антиблокирачки систем за кочење)
EBD (електронска распределба на силата на кочење)
EPS (електричен сервоуправувач) чувствителен на брзина
TRC (систем за контрола на влечната сила)
BA (систем за помош при кочење)
VSC (систем за контрола на стабилноста на возилото)
HAC (систем за помош при тргнување на нагорнини)
Предно воздушно перниче, возач и совозач
Странично воздушно перниче, возач и совозач
Воздушно перниче за колена, возач
Заштитни воздушни завеси, напред и назад
Систем за заштита од кражба, имобилизатор
Централна брава со далечинска контрола и централно заклучување на вратите кај возачот
Надолжни багажни шини
Огледала на врати, електронски регулирани, преклопувачки, греени
Рачки на врати и надворешни ретровизори во боја на каросерија
Браници во боја на каросерија
Предни светла за магла
Повеќеслојно стакло, ветробран и странични прозорци
Тонирани стакла, изолирани од ултравиолетови зраци и топлина
Затемнети задни стакла
Оптитрон инструмент-табла
Аудиосистем со CD-плеер, RDS радио со MP3/WMA формат и 6 звучници
AUX порт
Патен компјутер (моментална и просечна потрошувачка, просечна брзина и досег)
Мултиинформациски дисплеј со дигитален часовник
Контроли на воланот за аудиосистемот
Клима-уред со автоматска дигитална регулација, двозонски филтер за прочистување на воздух со режим за отстранување на полен
Преграда за ладење
Easy Flat 7 (систем за преклопување на 2. и 3. ред седишта – рамен под)
Масичка за 2. ред седишта
Трет ред седишта
Потпирач за раце напред, возач и совозач
Дополнителен извор на енергија 12V/120W во 2. ред седишта
Систем за осветлување при влегување
Електронско регулирање на предни светла по височина
Кожен волан и рачка од менувач обложени со кожа
Волан, рачно регулирачки, по височина и длабочина
Технички карактеристики : Toyota Verso 1.8 Luna
мотор: бензински
цилиндри / вентили: 4 цилиндри / 16 вентили
работна зафатнина: 1.798 см3
максимална силина: 147 КС при 6.400 врт./мин.
максимален вртежен момент: 180 Нм при 4.000 врт./мин.
погон: на предните тркала
трансмисија: 6-степен мануелен менувач
потпирање напред: MacPherson, попречни рамења, стабилизатори
потпирање назад: двојни попречни водилки, торзиона оска
сопирачки напред: вентилирачки дискови
сопирачки назад: дискови
должина х ширина х висина: 4.440/1.790/1.620 мм
меѓуоскино растојание: 2.780 мм
тежина: 1.525 кг
багажник: 440/1.696 литри
резервоар: 60 литри
максимална брзина: 190 км/ч
забрзување 0-100 км/ч: 10.4 секунди
декларирана просечна потрошувачка: 5.7 л/100 км
емисија на CO2: 134 г/км