Микро-автомобил на британски начин
Британците претставија скоро продукциска верзија на мал градски автомобил способен да понесе три патници. Со моделот T25 се надеваат дека ќе започнат нова ера на мали градски автомобили кои ќе поседуваат „fun-to-drive“ способности а воедно ќе бидат и несекојдневно економични. Murray T25 тежи само 575 кг и има многу помала ширина од денешните најмали продукциски возила од типот на Smart Fortwo и Toyota iQ. Неговата должина од 240 см, ширина од 130 см и висина од 140 см, значат многу во големите градови, особено ако се земе во обѕир податокот дека на место каде што може паралелно да се паркира едно стандардно возило, може да се паркираат дури три T25-модели. Суспензијата е независна напред и одзади и е дизајнирана да прифати агрегат кој е поставен на задната страна. Кога веќе го споменавме агрегатот, тој е со моќ од 53 КС, силата ја црпи од трицилиндричниот агрегат со зафатнина од 660 см3, а трансмисијата се одвива преку петстепен полуавтоматски менувач. Максималната брзина која може да ја постигне T25 е 145 км/ч, забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 16,2 секунди. Најважното нешто за малите градски автомобили е емисијата на издувни гасови, која во овој случај е за пофалба и изнесува 86 г/км, додека потрошувачката на гориво се движи во рамките на 3,5 литри.