Возевме KIA VENGA
Веста е објавена на 20.08.2010

Возевме KIA VENGA

Градска практичност – семеен комфор

Со моделот Venga, корејската KIA Motors им се обраќа првенствено на љубителите на урбаниот животен стил. Venga првенствено е намената за градски услови и сообраќаен метеж во кој компактните димензии и прегледноста доаѓаат до израз. Но, истовремено може целосно да ги задоволи семејните потреби, со комфорот што го нуди во внатрешноста но и со багажниот простор. И сето тоа спакувано во мали димензии и за конкурентна цена од 10.600 евра

Проширувајќи ја палетата на модели со уште еден атрактивен модел, Kia со Venga нуди компактно но пространо решение за градските потреби. Скромно моторизирана, барем на почетокот од продажбата, со само три различни мотори кои од друга страна се штедливи, и навистина солидно опремена, тестираната Venga нуди многу. Вреди за вложеното, а со цената од 10.600 евра колку што ќе се нуди во Македонија, би можела да биде хит во класата, исто како што е хит со практичноста и комфорот што го нуди.
Venga е скроена по мерките на европските купувачи, и наменета првенствено за љубителите на урбаниот животен стил. Kia ги препозна потребите на Стариот континент, и својот нов модел го приспособи на актуелните вкусови кои тука владеат. Со други зборови, тоа значи компактни димензии и максимално искористен простор.
Првите најави за новата мала Kia на европскиот пазар се одиграа пред повеќе од една година, кога на саемот во Женева беше промовиран концепт No.3, една година подоцна Venga е подготвена за борба со сите предизвици во градскиот метеж, нудејќи привлечна каросерија со практични пет врати, компактни димензии, штедливи мотори и широка палета на опрема.
Нејзината должина од 4.068 мм ја чини практична во град, а големото меѓуоскино растојание од 2.615 мм ја осигурува најголемата можна пространост за еден вака компактен автомобил. Kia Venga, која со својот изглед кокетира со компактните моноволуменци, се одликува со најповолен коефициент на отпор на воздухот од 0,31.
Но, иако првенствено се смета дека најдобро би одговарала за градските метежи, Venga без проблеми ќе ги исполни и вашите семејни очекувања, особено на помладите брачни двојки.

Дизајн и ергономија

Дека ангажирањето на Петер Шреер на местото главен во одделот за дизајн е еден од најдобрите потези што го направиле во Kia, е позната приказна. Откако на пазарот го понуди моделот Cee’d а потоа и уште поуверливата изведба на истиот автомобил само во тривратна верзија, Kia својот нов дизајнерски речник го прошири и на другите модели, новиот градски модел Venga се одликува со подеднаква атрактивност, овој пат вклопена во речиси моноволуменскиот изглед. Venga е категоризирана како моноволуменец.
Сепак, би можеле слободно да кажеме дека Venga не е класичен едноволуменец, особено ако се погледне отстрана, но, ако практичноста останува единствен критериум, малата Kia го собрала најдоброто од двата каросериски профила.
Пространоста на предните седишта не недостасува, и овој пат со традиционално добро скроените седишта кои нудат одлично држење на телото, без замор може да се вози подолг период. Поради високото седење и големите стаклени површини напред, прегледноста е одлична. Како за едноволуменско возило, вообичаената непрегледност на тесните градски свиоци и крстопати успешно е решена со поставување на триаголен прозорец меѓу покривниот носач А и рамката на предната врата.
И додека со право се очекуваше на пространоста напред кај автомобил долг 4.068 мм, понудата на простор на задната клупа е повеќе од очекуваното. Овде во игра влегува и системот на лизгачка задна клупа (наслонот е истовремено и асиметрично делив), па може да се одбере повеќе простор за колената или раскошен багажник. Покрај тоа, вреди да се напомене дека и стандардните 314 литри се сосем солиден резултат за сите градски потреби.

Практична и модерна внатрешност

Во внатрешноста на Venga го откриваме новиот атрактивен стил на Kia што го промовираше со Cee’d. Ергономијата е посебно изразена, а употребени се материјали кои даваат чувство на квалитет, па и целата внатрешност се одликува со модерен изглед. На располагање се 11 бои на каросеријата и четири комбинации на ентериерот.
Традиционално, седењето е одлично, телото добро се држи и нема да почувствувате замор дури и ако возите подолго време. На возачката позиција најмногу внимание привлекува триделното кружно куќиште на главните инструменти и елегантната средишна конзола. Посебно интересен детаљ во оваа категорија на возила претставува преклопливиот наслон на задната клупа кој може да се мести според аголот и надолжно, со што е можно да се менува и зафатнината на багажникот. Големината на багажникот е 440 дм3, а со поместување на задната клупа се зголемува на 570 дм3.
Во согласност со новите трендови, во Venga имате приклучок за УСБ, iPod, bluetooth-конекција со вашиот телефон, препознавање на МП3-формат.

Мотор и пренос

Тестираниот 1,4-литарски бензински мотор е почетен во понудата на Venga на нашиот пазар. На почетокот ќе се нудат еден бензински (1,4 – 90 КС) и два дизелски агрегата (1,4 – 90 КС и 1,6 – 128 КС). Но од Kia најавуваат дека брзо ќе стигнат и новите агрегати, што значи дека ќе има поширок избор за сечиј вкус. Дотогаш и овие што сега се нудат, се доволно добри.
Со 90 КС при 6.000 вртежи во минута и 137 Нм при 2.000 вртежи во минута, моторот што е вграден во Venga би требало да ги задоволи градските потреби и автомобилот со компактни димензии. Со тоа може да се сложиме, но само ако гледаме на градските потреби. Сега овие 90 КС се сосем нормални, па затоа и не сме нешто премногу возбудени. Денес производителите се ориентирани на еколошката прифатливост, ниската емисија на ЦО2, штедливоста, па и со намалување на масата на моторот. Целата палета на мотори на Venga ги задоволува Euro 5 стандардите.
Управувајќи ја Venga 1,4 CVVT во градски услови, немавме замерка на моторот. Иако фабричката потрошувачка е декларирана на 7,5 литри, тоа веројатно е во некои идеални услови. Бидете подготвени да имате реална потрошувачка од околу 9 литри, во зависност од вашето притискање на папучата за гас. Но, со оглед на тоа што возилото е тешко нешто над 1.350 кг и постојано има потреба од високи вртежи, нормално е да биде малку пожедно.
На отворено потрошувачката е околу 6,5 литри, повторно во зависност од почитувањето на патната сигнализација и желбата да се видат неговите граници. Рачниот петстепен менувач е доста прецизен, но воедно се одликува и со доста долги одови, што и не е некоја замерка.

Еuro NCAP тестирање:

Вкупно: 4 ѕвезди
Сигурност на патниците: 79 отсто
Сигурност на децата: 66 отсто
Сигурност на пешаците: 64 отсто
Сигурносни системи: 71 отсто

Најпривлечен компактен модел од Б-класата

Дека Venga спаѓа меѓу најпривлечните компактни модели од Б-сегментот, потврдува и угледното признание iF за индустриски дизјан. Venga победи во категоријата „Дизајн на транспортно возило“, што вклучува возила, пловила, возови и авиони. Ова престижно признание кое меѓународното здружение на дизјанери го доделува уште од 1953 година, Venga го доби благодарение на својот облик, елеганција и практичност, квалитетот на изработка, високиот степен на иновации и еколошки прифатливите технологии.
Venga неодамна освои и престижно дизајнерско признание Reddot, и така му се приклучи на моделот Soul кој лани го освои истото признание.

Kia Venga  / ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ

мотор:    бензински
цилиндри / вентили:    4 во линија
работна зафатнина:    1.396 см3
максимална силина:    90 КС
максимален вртежен момент:    137 Nm при 4.000 вртежи во минута
потпирање напред:    Mac Pherson подвозје со стабилизатор
потпирање назад:    двоен торзионен столб
сопирачки напред:    ABS+EBD, воздушно ладен диск 15“ Ø 280 x 26
сопирачки напред:    ABS+EBD, воздушно ладен диск 14“ Ø 258 x 10
должина х ширина х висина:    4.068 x 1.765 x 1.600 мм
меѓуоскино растојание:    2615 мм.
тежина:    1.268 кг
багажник:    440 (570 со лизгање на задната клупа)
1253 со соборена задна клупа
максимална брзина:    167 км/ч
забрзување 0-100 км/ч:    12,9 сек.
потрошувачка:    6,2 литри
емисија на CO2: