Audi A5 Sportback 2.0 TDI Multitronic
Веста е објавена на 16.08.2010

Audi A5 Sportback 2.0 TDI Multitronic

Три во едно

Елеганција на купе, комфор на лимузина и практичност на караван, трите клучни фактори кај еден автомобил сега се обединети под знакот на четирите прстени. Audi А5 Sportback е вистински пример како калемењето на повеќе типови автомобили може да изроди со плод кој во ист момент може да биде 3 автомобили во едно пакување.

Во блиска иднина едноставно ќе се откажеме од класифицирање на автомобилите, збрката која ја предизвикаа разно-разните кросовери и пермутациите од типот купе-кабриолет, спорт-седан, со своето појавување го зголемија изборот на купувачите, но, наметнаа и голема дилема при избирот на ново возило. Спојувањето на неколку типови автомобили во еден производ е веќе секојдневие во автоиндустријата, но дали правецот во кој се движат работите полека ги истиснува од пазарот класичните форми кои ги познаваме и се стандард кога се опишува изгледот на некој автомобил? Во борбата која немилосрдно се води за секој купувач, Audi понуди свое видување на тоа како треба да изгледа еден автомобил кој треба да ги има атрибутите на класичен седан дополнет со купе-форма и простор што треба да ги задоволи сите семејни потреби – името на моделот е A5. Audi во својата номенклатура веќе го има искористено ова име кое досега важеше единствено за купе и кабриолет-моделот, а со додавката Sportback ја дополни низата во својата гама со првиот купе-седан модел со 5 врати. Позиционирањето на А5 е меѓу моделот А4 и поголемиот А6, базата за изработка е А4 со кој ги дели поголемиот дел од елементите и механичките склопови, и е шестиот модел кој е поставен на истата модуларна платформа.

Магнетна привлечност

Надворешноста пленува со својот изглед, едноставно не може да поминете со него а да останете незабележани. Предниот дел е пренесен од купе-верзијата, додека разликата од обичниот А5 станува воочлива кога возилото ќе се погледне отстрана, подолгото меѓуоскино растојание, поголемата севкупна должина и пониско поставениот покрив се првите детали кои се забележуваат. Дополнителниот пар врати е имплементиран на одличен начин, а самите врати кои немаат рамки околу прозорците го зголемуваат севкупниот впечаток. На задниот дел е забележлива нагласената купе-линија која преку паѓачкиот дел на покривот завршува во децентен спојлер на крајот од петтата врата. Да, добро прочитавте, овој седан со купе-форма има 5 врати и засега е единствен на пазарот, петтата врата го олеснува пристапот кон багажникот кој е со 480 литри, а доколку и тоа не е доволно може да се зголеми со соборување на задната клупа. Во ентериерот е забележлив премиум „филингот“ кој е својствен за марката од Инглштад. Просторот е организиран чисто германски, без претерани експериментирања во изведбата. Ергономијата е на највисоко можно ниво, а комфорот ќе ги задоволи потребите и на најпребирливите. Иако линијата на покривот има надолна патека на задната клупа, и повисоките од 1,85 м ќе се чувствуваат комотно и нема да допираат во покривната изолација.

Менувач кој разгалува

Понудата на дизелските агрегати започнува токму со моторот кој го придвижуваше тестираниот модел А5 Sportback, станува збор за добро познатиот 2.0 TDI дизелаш од новата генерација кој користи Common Rail-технологија, а горивото го впрскува преку пиезо-инјектори кои работат под притисок од 1.800 бари. Отпрво можеби нема да звучи уверливо дека мотор со моќ од 143 КС придвижува возило чијашто тежина изнесува преку 1.600 кг, сепак Sportback опремен со овој агрегат не е наменет за постигнување брзински рекорди туку за удобно крстосување и економично патување, а доколку затреба знае да ја покаже и својата агресивна страна, доказ за тоа се забрзувањето од 0 до 100 км кое изнесува 9,7 секунди и максималната брзина од 205 км/ч, а притоа потрошувачката не ја преминува границата од 8 литри. Multitronic-менувачот е еден од специјалитетите кој е вграден во тестираниот примерок. Станува збор за последната генерација на CVT-менувачи од серијата кој поседува 8 брзини а ја обединува динамиката и економичноста на мануелниот менувач и комфорот на автоматскиот, комбинирајќи го најдоброто од двата света. Благодарејќи на постојаниот пренос и адаптивното регулирање на карактеристичниот момент, multitronic секогаш го користи опсегот на бројот на вртежите со највисокиот вртежен момент, кој во случајов изнесува 320 Нм, а истиот е способен да поднесе оптоварување и од агрегати кои испорачуваат 400 Нм. Од технолошките достигнувања тука е и системот за регенерација на електричната енергија, кој ја обновува енергијата создадена при сопирањето, а со тоа го помага акумулаторот и го продолжува неговиот животен век. Возните карактеристики се точно онакви какви и што се очекуваат од едно Audi, суспензијата претставува компромис, комфор кој тежнее и има спортски аспирации, што на повеќето возачи ќе им се допадне бидејќи содејствува со карактерот на автомобилот. Поради своите габаритни димензии, пред се должината од 4.711 мм и намалената видливост одзади карактеристична за моделите од овој потсегмент, градскиот метеж не е најидеалното место за Sportback, затоа може да кажеме дека негова природна средина се брзите и широки автопатишта каде што квалитетот и комфорот во патувањето доаѓаат до полн израз.
На крајот, слободно може да се каже дека Sportback е плод кој поседува еднаков елегантен и спортски изглед како и купе-моделот на А5, практичност која може да се споредува со А4 Avant и комфор на една вистинска лимузина, добитна комбинација која нема да ги остави рамнодушни ниту најконзервативните приврзаници на автомобилскиот дизајн.

Audi A5 Sportback 2.0 TDI Multitronic / ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ

мотор:                                                   Дизелски
цилиндри / вентили:                               Четири цилиндри 16 вентили
работна зафатнина:                                 1968 см3
максимална силина:                                 143 КС при 4200 врт/мин
максимален вртежен момент:                   320 Нм при 1750-2500 врт/мин
погон:                                                     На предните тркала
трансмисија:                                            8 степен CVT менувач
потпирање напред:                                  Двојни попречни рамења, стабилизатор
потпирање назад:                                    Трапезоидни рамења, спирални пружини
сопирачки напред:                                   Самовентилирачки дискови
сопирачки назад:                                      Вентилирачки дискови
должина х ширина х висина:                      4711x1851x1391 мм
меѓуоскино растојание:                             2810 мм
тежина:                                                   1630 кг
багажник:                                                 480 литри
резервоар:                                                65 литри
максимална брзина:                                   205 км/ч
забрзување 0-100 км/h:                              9.7 сек.
декларирана потрошувачка:                       5,8 лит/100 км
емисија на CO2:                                        152 г/км