Ѕkoda Fabia 12 70 KS
Веста е објавена на 14.08.2010

Ѕkoda Fabia 12 70 KS

Разубавен мал освојувач од Чешка

Малиот градски автомобил од Млада Болеслав, со мало затегнување на брчките и со поквалитетни материјали и завршна изработка во ентериерот,  ја продолжува упешната приказна започната пред една деценија…

Втората генерација на Skoda Fabia што на пазарот се наоѓа од 2007 година, неодамна е освежена со зафати што го подобруваат изгледот гледано однадвор, и квалитетот на употребените материјали што го подобрува филингот кога сте зад управувачот на малиот чешки освојувач. Иако, гледано однадвор, и натаму опстојува децентната воздржаност, со мали подобрувања, подобро кажано затегнувања на брчките. По се изгледа,  Чесите ја следат филозофијата на Volkswagen, фирмата- сопственик, со мали измени на надворешноста и задржување на препознатливиот изглед. Филозофија со која VW се наметна на европскиот и светскиот автомобилски пазар. А добитната формула не се менува – е правилото за успешно работење. Малку се изменети предните фарови и маската што сега делува поуверливо. Странично тука е препознатливата, повишена силуета што по малку потсетува на легендарниот mini на Сер Алек Исигонис. Одзади гледано, мала интервенција има на задната светлосна група, а и спојлерот на завршетокот на покривот делува некако повпечатливо, со нота на елеганција. Другото е препознатливата Fabia. Надворешноста, навистина не нуди големи измени, што е во согласност со филозофијата за привлечност на втор поглед.

Поквалитетен ентериер

Подмладената Skoda Fabia доаѓа со нови „внатрешни вредности“. Сосем солидната пространост го поставува малиот чешки автомобил при врвот на листата на посакувани градски автомобили на нашиот пазар. Сепак, кај нас, овој сегмент, покрај улогата на градски автомобил ја исполнува и таа на семејно возило. А кога зборуваме за предните седишта, комоција има во изобилство. Новата Skoda Fabia нуди комотен транспорт на четири возрасни патници, па и за петмина има место ако на задната клупа тројцата патници малку се соберат во пределот на рамениците. Всушност, задната клупа  нуди најголем простор во сегментот, пред се поради големиот простор над главата тука и високите патници седат многу удобно. Напред, само новото VW Polo од моделите во класава што се на нашиот пазар, овозможува нешто поголема слобода на движење. Воопшто земено, големите, цврсто поставени седишта се добри и за подолготрајни патувања. Модерниот, темелен кокпит го одликува грижлива завршна обработка и исклучителна функционалност. Се е прегледно и едноставно за ракување.
Притоа конструкторите се воделе од принципот за ергономија и комфор. Покрај тоа и квалитетот на употребените материјали, текстилот и пластиката, се на повисоко ниво и со поубав дизајн, а кренато е и нивото на завршната доработка.

Бучен но економичен агрегат

Моторот на Skoda Fabia (1,2 литри) со три цилиндри, бензинец, има на располагање 70 „коњи“, но и типичен бучен звук за еден трицилиндраш. Изолацијата е подобра отколку пред дотерувањето на брчките, но сепак, се уште звукот на трицилиндрашот пробива во кабината. Инаку, моторот живо се „врти“ и подобро забрзува од изведбата со 60 КС, но сепак не може да се спореди со изведбите со четири цилиндри. За доброто расположение придонесува и прецизниот петстепен мануелен менувач кој е добро вкомпониран со агрегатот, како и директниот и чувствителен управувач.
Едноставно, возењето со Skoda Fabia, иако не дозволува врвни перформанси и бравурозни движења, сепак е солидно. Иако сакаме да сме критички настроени, сепак мора да кажеме дека Skoda Fabia не ве разочарува со своите возни особини. Како што напоменавме, можете да очекувате некои спортски перформанси, но за кртосување низ градските улици и по автопатиштата Fabia е токму по мерка на едно семејство. Вистински мал семеен автомобил. Во прилог кон оваа констатација одат и „смирените“ перформанси. Од место до „стотка“, 1,1 тон тешкиот автомбил забрзува за нешто под 15 секунди и постигнува максимална брзина од 163 км/ч. Но, најмногу радува економичноста на моторот. На сто километри, во просек „пие“ 5,9 литри, а со малку поекономично возење, потрошувачката можете комотно да ја намалите за уште половина литар.

Солидни возни својства

При неколкудневното дружење со рестилизираната Skoda Fabia, се издвоија неколку карактеристични впечатоци. Управувачот е како што напоменавме, солиден и реагира правовремено.
Сопирачките се квалитетни (напред дискови а назад барабани) и успешно ја кротат Skoda Fabia. Може да се каже дека поради повисоката каросерија малку се навалува во свиоците, но со ESP, тоа се регулира. Накусо: солиден производ, а што друго и би можело да се очекува од корпорацијата на VW во која повеќе од деценија е и чешката фирма. Секако, постојат работи што би можеле да се подобрат (како тропањето на трицилиндарскиот бензински агрегат), но ако се земе во предвид соодносот на цената и на вредноста што за неа се добива во рестилизираната Skoda Fabia, може да се каже дека купувачите и овој пат со Skoda добиваат .

Добра опременост

Изведбата на Skoda Fabia што ја имавме на тест, беше солидно опремена. А сето е „облагородено“ и со ниска цена на дополнителната опрема. Во опремата што ја имавме на тестниот модел, покрај електриката на предните прозорци, централно далечинско заклучување, сервоуправувач, воздушни перници, имаше и борд-компјутер, магленки, АВЅ со АSR, радио со CD и приклучок за iPod… Исто така, не смее да се заборави ниту добриот сервисен интревал од две години.

Технички податоци

Skoda Fabia 2.3 HTP 70 КС
Мотор: бензински, 3 цилиндри, сместен напред – трансферзално
Работна  зафатнина: 1.198 см3, 4 вентили по цилиндар, впрскување гориво во повеќе точки
Моќ: 70 КС (51 kW) при 5.400 мин. -1
Максимален вртежен момент: 112 Nm при 3.000 мин. -1
Трансмисија: мануелна со пет степени на пренос на предни тркала
Потпирање: напред макферсон со попречни рамења,
назад оска со повеќе водилки, спирални пружини, стабилизатор
Сопирачки: напред самовентилирачки дискови,
назад барабани, ABS
Kаросерија: хечбек, 5 врати, 5 седишта
Димензии: должина х ширина х висина: 4.000 x 1.642 x 1.498 мм
Меѓуоскино растојание: 2.462 мм
Маса: 1.100 кг
Багажник: 300 л
Резервоар: 45 л
Максимална брзина: 163 км/ч
Забрзување 0 – 100 км/ч: 14,9 сек.
Просечна потрошувачка: 5,9 л/100 км
Емисија на CO2: 134 г/км
Цена – ????????????