Мini Cooper S 1,6
Веста е објавена на 14.07.2010

Мini Cooper S 1,6

Пеколно „пиперче“ на четири тркала

Легендарниот лилипутанец во спортската Cooper S-изведба има препознатливи атрибути, како во надворешниот дизајн така и во возните својства и динамичноста. Тоа е рецептот што и по повеќе од 50 години „пали“ кај вистинските вљубеници во спортското возење…

Легендата на Сер Алек Исигонис, што повеќе од половина век крстосува по патиштата, ја добивме на кусо дружење. Атрактивната бмрчалка во набилдано Ѕ-издание со 1,6-литарски бензински агрегат со 184 КС, ни го покачи адреналинот за неколку степени. Препознатливата коцка што ја развеа славата на британскиот дизајн, надополнета со баварската прецизна моќна механика, доверлива техника и врвен квалитет, ја продолжува успешната сторија на бестселерот, што и во моментите на светската економска криза не се грижи за пласманот.
Кога зборуваме за Mini Cooper S-изведбата со препознатлива двобојност, со двојни ленти што одат од предната хауба преку покривот и капакот на багажникот, како и ретровизорите што ја следат идејата на двобојност на каросеријата, зборуваме не само за имиџ и престиж, туку за – страст. Потврда за тоа се и ознаките „Ѕ“ на предните крила, како и написот на капакот на багажникот Cooper S, потоа двојниот хромиран издув поставен во средината на задниот спојлер…
Навистина Mini Cooper S, пред се, е страст кон возењето, кон врвната управливост. Најблиску до тоа е чувството што го имаат возачите на картинг-патеките. Брутална моќ и динамичност, перфекција на директност на управувачкото тркало. Нешто слично кај сериските автомобили со мал габарит, не може да се добие. Набилданата става поставена на моќни алуминиумски фелни од 17 инчи со 10 краци заоблени така што наликуваат на пет потковици, делува повеќе од атлетски. Приказната од првата средба и љубовта на прв поглед, продолжува со влегувањето во Mini Cooper S.

Ретро-техно амбиент на „лего-коцкичките“

Ентериерот на Mini Cooper S, освен што со ретро-стилот многу асоцира на легендарниот претходник, потсетува и на лего-коцкичка со врвна технологија. Внатрешноста не е многу пространа. Спортскиот трикрак сервоуправувач со големото лого во средината, е надграден со тркалезен покажувач на бројот на вртежите обрабен со хром. Централно поставениот голем брзинометар со дисплеј на кој борд-компјутерот ве бомбардира со сите потребни информации, доминира на кокпитот. Под него е CD врвната музичка линија на Харман Кардон, на која се надоврзува двозонскиот автоматски клима-уред. Следат команди во стил на тенки прекинувачи обоени во алу-боја. Долу во подножјето на централната конзола е просторот за оставање лименки, по што следува малата спортска рачка на мануелниот шестстепен менувач и палката на рачната сопирачка, и двете опшиени со кожа и со хромирани детали. Естетски се и поставените дифузери за воздух како и рачките на вратите во алу-стил. Кокпитот е, се чини, премногу разигран. Како некои немирни деца да истресле многу играчки во ентериерот, многуте копчиња и прекинувачи на преклопување ви даваат чувство како да сте во светот на „лего-коцкичките“! Но, спортскиот шмек на лилипутанецот во спринтерки е дополнително дефиниран со алуминиумските ножни педали.

Комоција и уживање само на предните седишта

Доволно место има на предните седишта, а назад можат да седнат деца или да се сместат мали торби. Но, Mini Cooper S е наменет за уживање во возењето, што во потполност го доживуваат тие што седат во спортски профилираните, рекаро предни седишта изработени во комбинација кожа-текстил, што е одлично во овие жешки денови. Преку текстилот телото може полесно да дише а не да се лепи на кожата. Кога зборуваме за комфорот на тие што седат на задната клупа, потенцираме дека патниците тука можат да се сместат само ако е тоа неопходно, бидејќи Мini Cooper S не е четирисед во вистинска смисла на зборот, туку повеќе е 2+2 модел. Иако предните седишта имаат изи-ентри систем за полесно влегување во овој спортски лилипутанец со две врати, сепак оваа функција неговите сопственици многу често не ја користат.
Но затоа, пак, во практичните страни на Мini Cooper S спаѓа и багажниот простор. Со соборувањето на потпирачите на седиштата, се добива зафатнина од 660 литри, што е доволно за патување на одмор.

Врвни возни својства

Неверојатно што се може Мini Cooper S. По асфалтниот пат се лизга мазно како да е сраснат со него. Тоа подобро од него не го прави ниту еден автомобил со преден погон на светот. Неговиот четирицилиндарски мотор засилен со турбина, вреви од една до друга точка на вклучување на преносот со „музичка подлога“ на полначот. Стартот му е фантастичен, пред се благодарение на вртежниот момент од 260 Nm во „овербуст“ модот. Моторот со сила од 184 „коњи“ која се пренесува на предните тркала, повремено делува премногу силно. При брз старт управувачот динамично влече преку погонските оски како разигран вранец на широка ледина. Од место до „стотка“ забрзува за седум секунди и постигнува максимална брзина од 228 км/ч.
Не е никакво изненадување што и овој „супер мини“ има прецизно управување и одлични возни особини. Посебно во спортскиот мод, кога одѕивот на педалот за гас ќе се засили, а управувачот ќе стане почувствителен и уште подиректен, постои сериозна опасност да станете зависник од овој автомобил.
Меѓутоа, изненадува тоа што овој фризиран модел и со повеќе сила има одлична тракција дури и со сериски тркала од 17 инчи. Но, за тоа се грижи динамичката контрола на пролизгување (DTC). Кога ќе се притисне копчето, овој систем овозможува контролирано пролизгување на предните тркала, а при исклучена програма за контрола на стабилноста (DSC) делува преку сопирачките како електронски затворач во диференцијалот. Покрај тоа, турбомоторот е многу еластичен и ја нема некогаш карактеристичната „турбопауза“ при додавањето гас. А во тоа му помага многу добриот прецизен шестстепен менувач.
Вистинско уживање, за кое вреди да се избројат и над 30.000 евра.

Технички карактеристики
Мini Cooper S
Мотор зафатнина 1 598 ccm
Моќ КС/врт./мин. 184/5.500
Максимален врт. мом. 260Nm овербост /1.650-5.000 врт.
Забрзување 0-100 km/h 7,0 сек.
Максимална брзина km/h 228
Маса kg 1.205
Должина mm. 3.714
Ширина (со ретровизори) mm 1.913
Висина mm. 1.407
Меѓуоскино растојание mm. 2.467
Сузпензија напред: MacPherson испружени нозе, амортизери, стабилизатор
Назад: мултилинк со алуминиумски рамења
Трансмисија: мануелена шестстепена на предни тркала
Сопирачки: дискови, напред вентилирачки + ABS +EBD+ DTC+DSC
Багажник L.: 160-680
Резервоар L. 50
Просечна потрошувачка L/100 km 5,8