Празник на убавината и елеганцијата
Во почетокот на мај, во Софија се одржа четвртиот по ред Concours d’ Еlegance, манифестација што на балканските простори го пренесува блесокот и гламурот на елитните настани од овој вид – Villa d’Este Concours d’ Еlegance и Pebble Beach…
Во почетокот на мај годинава, Балканот понуди вистински гламур, луксуз и ретко виден спој на убавина и елеганција на овие простори. Во стилот на земјите со поголема традиција, иако во споредба со нив ова се први „бебешки“ чекори, Бугарија и Софија беа епицентарот на автомобилската убавина и елеганција низ историјата. Беа вистинска изложба на прекрасни олд-тајмери и модерни автомобили што пленат со елеганцијата, моќта и престижноста.
Овој спектакл за очи беше надополнет и со сензација за останатите сетила, како мирисот и вкусот, преку дегустирање на висококвалитетни вина, гурмански уживања во егзотична храна подготвена во латиноамерикански стил, а сето тоа ароматизирано со етерични парфеми низ кои се проткајуваше остриот и по малку агресивно наметнат мирис на хаванските пури.
Шлаг на манифестацијата во која олд-тајмерите и современите суперегзотични и спортски автомобили имаа главна улога, беа нивните верни придружнички, атрактивните убавици, прекрасните хостеси кои во гардероба креирана во духот на минатите времиња, дефилираа крај автомобилите или се возеа во нив низ парадната променада. Сиот овој спектакл за очи и душа беше изведен под организација на фондацијата Concours d’Еlegance.
Таа е еден од главните „виновници“ за одржувањето на Меѓународниот Sofia Concours d’Еlegance 2010. Голем придонес во реализирањето на спектаклот на четири тркала имаше и „домаќинот“ на овој престижен настан, ексклузивниот хотел Хилтон, кој успеа да ги собере на едно место некои од најелегантните и најатрактивните класични и современи автомобили на Балканот.
Колекционерско богатство на четири тркала
Празникот на трудот, 1 Мај, годинава во Софија наместо со паради на црвени знамиња и српот и чеканот, беше обележан со екстравагантниот гламур и елеганција на блескавите егзотични убавици на четири тркала од минатото но и на тие од денешницата.
Чест и можност да ги покажат своите миленичиња на четири тркала имаа страсните колекционери од шест европски држави: Германија, Англија, Романија, Грција, Бугарија и Македонија. Од поголемиот број на пријавени кандидати што сакаа да продефелираат на годинашниот Concours d’Еlegance во Софија, организаторот направи избор на 55 автомобили од споменатите држави што ги покани за учество.
Избраните атрактивни креации на четири тркала беа поделени во седум класи, според правилата и стандардите на меѓународните автомобилски организации FIA и FIVA. Критериумите по кои се оценуваа металните убавици на оваа, односно на сите слични манифестации ширум нашата планета, се: ексклузивноста и елегантноста, потоа нивото на реставрација и автентичноста на моделот (како и колку успешно е обновен автомобилот со оригинални делови и елементи).
Атмосфера во духот на минатите децении
Сценографијата, и годинава беше како и во минатите години, во стилот на различни децении од почетокот на минатиот век до доцните 80-ти години. На тоа се надоврзаа прекрасните и темпераментни звуци на кубанската, бразилската и латино-музиката која е веќе традиционално присутна на овој ексклузивен настан.
За овој спектакл на четири тркала да добие потполна автентичност, покрај атрактивните автомобили, присутните љубители на убавината и елеганцијата имаа можност да видат и 10 манекенки облечени во фустани креирани во стилот на различните модни епохи од минатото. Едноставно, човек не можеше да реши што е попривлечно, прекрасните девојки на модното студио Андреев Фешн на стилистот Бранко Андреев од Македонија кој живее и работи во Софија, или пак безвременскиот блесок на автомобилите.
Во стилот на Villa d’Este Concours d’Еlegance и Pebble Beach
Блесокот на автомобилите од марките Bentley, Lamborghini, Mercedes-Benz, Porsche, Rolls Royce или пак Triumph, беше посилен од блесокот на прекрасното првомајско сонце, а презентацијата и фотосесијата заедно со класичните фустани презентирани од моделите, ја фасцинираа бројната публика. Посетителите на манифестацијата уживаа во експлозијата на елеганција, гламур, богатство и, секако, убавина.
За самиот настан беа изработени уникатни материјали, а веќе традиционално, ликовниот уметник Иван Колев изработи уметнички плакат, по практиката на елитните настани од овој вид што се одржуваат во Европа на езерото Комо во Италија, “Villa d’Este Concours d’Еlegance” и американскиот “Pebble Beach”.
И навистина, во тие моменти изгледаше дека Балканот и Софија се центри на автомобилското царство на елеганцијата и гламурот.
Жирито на „слатки“ маки
Жирито кое ги оценуваше автомобилите, составено од тројца членови меѓу кои и познатиот професор Хералд Лешке од дизајнерското студио на Mercedes-Benz, инаку член на жири и на споменатите најелитни светски конкурси Villa d’Este Concours d’Еlegance” и американскиот “Pebble Beach”, беше на “слатки” маки.
Шлаг на тортата на овој елитен евент беше појавата на најновиот суперспортски автомобил Mercedes-Benz SLS AMG, автомобилот со врати што се отвораат во стилот на галебови крилја е прогласен од експертите за легитимен наследник на легендарниот Mercedes-Benz 300 Gullwing од 60-тите години на минатиот век.
Наградата за најдобар автомобил на шоуто “best in show” беше обезбедена од дизајнерското студио “PORSCHE DESIGN”.
Публиката и медиумските претставници кои за настанот пристигнаа од различни страни на Европа, имаа еден прекрасен ден и со нетрпение го очекуваат веќе следното издание на Concours d’Еlegance.
Настанот кој се одржува веќе четврта година по ред, претставува единствена можност да се видат на едно место во прекрасна, пријатна и луксузна атмосфера, автомобили од приватни колекции, како и музејски експонати како што беше Ford Model A od 1929 година.
И за крај, но за нас секако не и последно, е историскиот факт дека првиот Concours d’Еlegance беше одржан во 2007 година во Македонија, во хотелот Фламинго во Гевгелија. И ние, како и сите вистински поклоници на автомобилите и на убавината, се надевеме дека во иднина, можеби повторно ќе имаме можност и прилика нашата земја да биде домаќин на овој престижен настан.
Concours d’ Еlegance Villa d’Este
Ова е најреномираниот избор за елеганција и убавина на класичните автомобили во светот. Секоја година, од 1929, во последната недела на април, на брегот на монденското езеро Комо во Италија, се одржува Concours d’ Еlegance Villa d’Este. BMW Group, во последните десетина години, заедно со Grand Hotel е организатор на Concours d’ Еlegance Villa d’Este. На изборот конкурираат педесетина автомобили направени меѓу 1920 и 1970 година, поделени во различни категории.
The annual Pebble Beach Concours d’Elegance
The annual Pebble Beach Concours d’Elegance е избор за убавина и елеганција на класични автомобили (олд-тајмери) што се одржува секоја година од 1950 во Пебле Бич, Калифорнија, САД. Манифестацијата е
фокусирана на класичните автомобили, но со специфика, секоја година да се фокусира на посебна марка на автомобили. На овој настан, покрај изборот на најелегантниот олд-тајмер се одржува и аукција на класични автомобили, а се одржува и изложба на уметнички дела поврзани со автомобилите.