VW Tiguan 2.0 TDI Automatic (DSG) – Шминкер со теренски амбиции
Веста е објавена на 14.07.2010

VW Tiguan 2.0 TDI Automatic (DSG) – Шминкер со теренски амбиции

На VW му требаше подолг период да пласира свој претставник во класата на урбани теренци, за тоа време скоро сите производители имаа свои SUV-модели веќе неколку години пред неговото појавување. Како што обично се случува, кога некој голем играч ќе се зафати за нешто сериозно работите се менуваат од корен, тоа го потврди и Tiguan со своето појавување, наметнувајќи се како едно од најкомплетните решенија во овој сегмент кој може да се добие во моментов на пазарот…

Во денешно време речиси и да нема производител кој во својата програма нема SUV-модел. Трендовите понекогаш го диктираат и изгледот на целокупната гама, а не влегувањето во сегментот кој е во константен пораст, што може да значи и вистинско харикири за производителот. За тој податок е свесен и германскиот Volkswagen, затоа, по првата генерација на големиот SUV Touareg и неговиот инстант-успех побрза да го подготви неговиот помал брат, моделот Tiguan. Иако слободно може да се каже дека на пазарот пристигна подоцна отколку неговите директни јапонски и европски ривали, Tiguan со сигурност ја промени перцепцијата и поредокот во оваа класа на мали SUV-возила каде што до скоро владееа моделите Rav4, Freelander и X3.

Микс на идеи

Од дизајнерска гледна точка овој модел ја продолжува традиционалната филозофија на Volkswagen, не претерано екстравагантни зафати и интеграција на конвенционални линии кои покрај пошироката прифатливост кај публиката овозможуваат и подолг век на моделот кој нема брзо да остари, а и кога ќе се случи тоа може да се смета за класика, пример земен од бестселер-моделот Golf. Изгледот на екстериерот јасно покажува дека дизајнерскиот тим има користено детали од моделот Touareg, но има детали кои може да се сретнат и кај Golf и Touran. Динамиката и мускулестите превои се најзабележливи на страните од возилото, додека предниот дел е со карактеристичен VW-манир и светлосна група многу слична на онаа која се користи кај моделот EOS. Задниот дел го карактеризираат големите светлосни групи кои се изработени во елипсовидна форма со по два тркалести елементи во нивниот среден дел, и навлегуваат во петата врата која потсетува на онаа која се употребуваше кај петтата генерација на Golf. Миксот на идеи и веќе видени елементи се одлично инкорпорирани, и на крајот успешно го избегнуваат изгледот на подигнат каравански модел од Ц-сегментот, затоа и Tiguan не наликува на ниту еден модел од класата. Димензиите од 4.427 x 1.809 x 1.686 мм го прават овој SUV доволно компактен за секојдневна употреба во градските метежи, но и доволно голем да го поведе целото семејство на подолго патување.

Варијабилен комфор

При влегувањето во кабинскиот простор веднаш е забележливо користењето на висококвалитетни материјали, момент кој неповторливо ја докажува германската посветеност на квалитетот и технологијата и е препознатлив знак на возилата со знакот на VW. Иако повеќето елементи кои ги сретнавме во кабината веќе ги имавме видено кај некои други модели на корпорацијата, се изгледа складно и ергономски максимално распоредено. Возачкото место е повисоко позиционирано, што е во согласност со класата во која припаѓа, затоа секој што ќе се најде зад управувачот добива прегледност која е една од најдобрите во сегментот, а сето тоа е дополнително потпомогнато и од големите стаклени површини. Примарните команди се логички распоредени, а со аудиосистемот се командува преку големиот дисплеј чувствителен на допир кој е дел од сериската опрема кај повисоките нивоа на опременост во Tiguan. Комфорот и практичноста се во прв план, а тоа е видливо низ целата кабина, простор за оставање ситници има едноставно насекаде, просторот пред совозачот овозможува ладење, така што на подолгите патувања течностите секогаш ќе бидат со идеална температура, дека тоа не e се од практичните детали покажува и дополнително вградената фиока која се наоѓа под возачкото седиште. Задната клупа е навистина местото кое го носи најголемиот плус кога станува збор за варијабилноста на просторот. Имено, таа е делива по принципот 60:40, и секој дел индивидуално може да се придвижува во неколку нивоа нанапред или наназад, што знaчи дека од двете крајни позиции има движење од 16 см, покрај тоа двете седечки површини имаат можност за регулирање на аголот на потпирање, што од друга страна, пак, го зголемува комфорот при подолги патувања. Тесната поврзаност на задната седечка површина со багажниот простор овозможува стандардните 470 литри за складирање да прераснат во вистински карго-простор доколку се користат максималните 1.510 литри, што некого може да изненади и збуни ако ги погледне надворешните габарити на возилото.

Комбинација која секогаш добива

Кога станува збор за механиката кај Tiguan, битно е да се напомене дека единицата која се грижи за придвижување на возилото е добро познатиот 2.0 TDI агрегат кој се вградува и во актуелната генерација на Golf и Pasat, опремен е со common rail технологија и испорачува искрени 140 КС. Во нашиот случај агрегaтот беше спарен со шестепениот Tiptronic автоматски менувач кој нуди опција за мануелно избирање на преносите и дополнителна опција Ѕ (спорт), што според нас е вистинската комбинација за овој модел. Бројките го докажуваат тоа, забрзувањето од место на мирување до 100 км/ч изнесува 10,7 секунди, додека максималната брзина е нешто над 180 км/ч. Tiguan не е тркач, но начинот и леснотијата со кои се движи и ја испорачува силата, на моменти остава впечаток дека станува збор за помоќен агрегат. Целата моќ која ја произведува агрегатот се дистрибуира преку системот 4 Motion, што е назив кој Volkswagen го користи за возилата кои поседуваат погон на сите тркала. Системот функционира автоматски, без додатни команди кои треба возачот да ги активира како би добил сила на одредена оска. Едноставно решение кое не го оптоварува дополнително корисникот на возилото. Погонот е континуиран со оптимална распределба на двете оски и засебно за секое од тркалата. Haldex-системот што го користи овој модел дејствува во дел од секунда, препознавајќи ги отстапувањата и согласно со нив ја распоредува силата, а додека се вози со помала брзина или ако тоа го одреди централната единица, возилото се движи само со помош на предните тркала. Кога веќе го споменавме 4х4-системот, мора да напоменеме дека тестниот Tiguan беше во верзијата Sport & Style, вистински градски шминкер, што во директен превод значи дека не е премногу „оф-роудерски“ расположен, тоа е веднаш забележливо од самиот изглед на автомобилот, големите 17-инчни леснометални бандажи и пневматиците со димензија 235/55 кои не се соодветни за таква намена. Второто нешто што паѓа в очи кај градскиот модел се стандардните браници кои овозможуваат возење по терен само ако аголот е до 18 степени, ни малку лош податок, но, оние кои се заинтересирани за теренски активности со овој модел, подобро е да го изберат во пакетот Track & Field, тој со својот пристапен агол од 28 степени носи поголема слобода и уживање во возењето надвор од регуларните терени предвидени за нормален сообраќај. Сепак, не треба да се потценат способностите и на оваа изведба која со сигурност ќе може да се користи за повремени авантури во природа, иако неговата природна средина се токму асфалтните патишта каде што се снаоѓа најдобро. Погонот на сите тркала е она што ја прави управливоста одлична, автомобилот се вози како и секој компакт од Ц-сегментот, иако висината од подлогата е поголема, во секојдневната пракса тоа и не е забележително. Во градски услови на користење предност е компактноста и потентниот агрегат, додека на автопат во прв план се одличниот менувач и моќта која овозможува високи патни брзини при максимална удобност во возењето.

Критики може да се упатат единствено на внатрешноста која поседува дел од елементите кои се среќаваат и сме ги виделе и кај останатите модели од концернот, што на некој начин ја одзема индивидуалноста на одредениот производ, но и покрај тоа, Tiguan е едно од најкомплетните решенија во овој сегмент кој може да се добие во моментов на пазарот.

Д.З

VW Tiguan 2.0 TDI / ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ
мотор: дизел
цилиндри / вентили: четири цилиндри 16 вентили
работна зафатнина: 1.986 см3
максимална силина: 140 КС при 4.200 врт./мин.
максимален вртежен момент: 320 Нм при 1.750-2.500 врт./мин.
погон: на сите тркала (4WD)
трансмисија: 6-степен автоматски менувач (DSG)
потпирање напред: McPherson, попречни рамења
потпирање назад: двојни попречни рамења, спирални пружини
сопирачки напред: самовентилирачки дискови
сопирачки назад: вентилирачки дискови
должина х ширина х висина: 4.427 x 1.809 x 1.686 мм
меѓуоскино растојание: 2.604 мм
тежина: 1.604 кг
багажник: 470 литри
резервоар: 64 литри
максимална брзина: 185 км/ч
забрзување 0-100 км/ч: 10.7 сек.
декларирана потрошувачка: 7,5 л/100 км
емисија на CO2: 199 г/км