Мразот го скрши Logan, а успешната приказна на Dacia ја дополнува најновиот модел Sandero Stepway, за кој секојдневните крстосувања по раскопаните градски улици се природна средина каде што се снаоѓа како риба во вода, а недостатокот на погон на сите тркала го сместуваат во групата „wanna be jeep“ возилата, и единствена допирна точка на Stepway е робусна изведба која успешно кокетира со off road светот...
Кога францускиот производител Renault стана сопственик на Dacia, во авто-кулоарите започнаа да кружат разни шпекулации, но никој со сигурност не можеше да претпостави дека за краток период, од производните хали во Романија ќе започнат да излегуваат автомобили кои ќе бидат одлично прифатени и во западноевропските земји, кои во случајот на Романците, никогаш и не биле целната група за која биле наменети нивните производи. Преродбата која се случи во Dacia а за која се заслужни Французите, првенствено овозможи креирање на цела гама возила која се базира врз проверената механика на Renault од постарата генерација, воздржаниот но допадлив дизајн и пресудниот момент - цената. Мразот го скрши Logan, кој и покрај некои неповолни критики од германските медиуми, успеа до го издржи притисокот и го започна походот по купувачи, отворајќи го патот за моделите кои требаше да пристигнат. Успешната приказна ја продолжи караванската верзија наречена Logan MCV, а веднаш по неа следеше и првиот компакт од Романија, моделот Sandero кој на пазарот се појави во 2008 година, а по одличниот фидбек на купувачите, производителот минатата година одлучи да понуди уште една верзија, Sandero Stepway, која на прв поглед изгледа како вистински SUV-автомобил. Во суштина, Sandero Stepway e само нашминкана верзија на стандардниот модел збогатена со додатоци кои на овој модел му овозможуваат да кокетира со изгледот на off road возилата. Првиот впечаток е позитивен, бидејќи сребрените додатоци на екстериерот му даваат доза на разиграност и го прават конзервативниот дизајн подопадлив, оптиката на предните светла за оваа прилика е сместена во куќишта кои се затемнети давајќи му на Stepway нота на агресивност, останатиот дел од надворешноста е идентичен како кај изворниот модел. Внатрешноста на Stepway е изработена од робусни материјали, пластиката, иако е направена од потврда компонента, и по подолго користење нема да покаже истрошеност, квалитетот е во границите на сегментот во кој припаѓа. Дизајнерски разлики во кокпитот меѓу „обичниот“ Sandero и Stepway-изданието воопшто нема, се е поставено идентично, во случајов дизајнерите добиле слобода единствено да го надополнат надворешниот изглед кој сепак го остава првиот впечаток, додека во внатрешноста, најверојатно поради зголемување на производните трошоци (сепак Stepway треба да е евтин), дополнителни промени не се направени. Се на се, оценката е задоволителна, единствено на моменти знае да запречи поставеноста на командите за електрично регулирање на прозорците кои своето место го нашле на централната конзола. Моделот кој ни беше отстапен на тридневно користење поседуваше агрегат со зафатнина од 1.6 литри којшто ни е познат од постарите генерации на возилата од гамата на Renault, и е вграден во илјадници модели на Clio и Megane. Тоа што е со постара конструкција, не мора секогаш да значи дека времето му е изминато, напротив, долгогодишното користење на овој агрегат е доказ дека е доволно квалитетен за да ја живее својата втора младост во некој друг модел од концернот. Неговите 90 „коњи“ силата ја испорачуваат на предните тркала преку петстепен мануелен менувач, коњите од бројното ергеле не се тркачки расположени, иако ако се побара од нив знаат да се впуштат во галоп, но тогаш потрошувачката на гориво нагло се зголемува и буката во кабината станува се понагласена, за тоа се одговорни послабата изолација и високата каросерија, сепак Sandero Stepway е предвиден да биде автомобил за секојдневна употреба а не тркач за рушење брзин