Во Кобе-центарот во Детроит почнува нова ера. За првпат се отвора Авенија на електроавтомобили (Electric Avenue), каде на над 100.000 квадратни метри се изложени најновите електровозила и новата технологија. На годинашниот Салон се очекуваат над 50 новитетети и концепти и посета од 800.000 лица ...
Над 7.000 новинари и телевизиски екипи од 70-ина земји од светот, го најавија своето присуство во Детоит, на првиот од низата автосалони што во текот на една година се одржуваат на планетава. Од петте светски манифестации од овој тип и оваа големина (Париз, Франкфурт, Токио, Женева и Детроит) првите два се одржуваат биенално, а останатите секоја година. Детроит е центарот на автомобилската индустрија во Соединетите Американски Држави, a „Кобе-центарот”, место каде на почетокот на секоја година се собираат најголемите автопроизводители на светот, како и компаниите од придружната автомобилска индустрија. Поклониците на лимените кочии без коњи, десетина дена, од 16. до 24 јануари, во пространите саемски хали (на околу 300.000 квадратни метри изложбен простор обезбеден за неговото величество „автомобилот“) во „Кобе-центарот“, ќе уживаат во спектаклот и блесокот. Особено сега, кога автомобилската индустрија зема здив за оправување по тешката рецесија, најголема, како што велат аналитичарите, во последните 70 години. Северноамериканскиот континент најавува бурна 2010 година. Над 50 светски новитети и концепти ќе го означат стартот на новата, надежна за автомобилџиите 2010 година, и постепено враќање на патеката на растежот и успехот, за која многумина прогнозираат дека ќе потрае во наредните три до четири години. Инаку, “Детроит мото-шоу“ по 22. пат се појавува под своето ново име (од 1989 година) „North American Internacionam Auto Show” - NAIAS. А, за првпат се одржа во далечната 1907 година, кога заедно со моделот Ford T беа изложени 33 возила од страна на 17 излагачи. Денешнината е грандиозна во споредба со далечното минато. На Салонот се очекуваат околу 800.000 посетители, а и организаторот се надева дека ќе се исполнат предвидувањата, бидејќи ќе има над 700 изложени експонати. Во организацијата и обезбедувањето, за се да функционира како што треба, ангажирани се околу 2.000 лица, монтери, електричари, столари, асистенти, кетеринг-персонал и околу 500 лица од обезбедување... Влезницата за возрасни чини 12 американски долари, за лица постари од 65 години и помали од 12 години чини 6 долари, а за деца помали од 6 години, во придружба на возрасни, е бесплатна. Групниот билет чини 8 долари, a услов е групата да има најмалку 25 посетители. Портите на „Кобе-центарот“ секој ден се отвораат во девет а се затвораат во 19 часот. Новинарските денови 11. и 12 јануари веќе завршија. За подетални информации секојдневно ќе читате на страниците на овој сајт и секако во наредниот број на СВ Магазин подготвено од екипата на СВ која директно е во центарот на збиднувањата во „Кобе-центарот“.